МУХИЌ, Ферид

МУХИЌ, Ферид (Махое, БиХ, 8. Ⅵ 1943) – филозоф, универзитетски професор и поет. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1966). Магистрирал (1976) и докторирал (1980) во Белград. Како Фулбрајтов стипендист бил на постспецијалистички студии во САД. Ги минал сите научни звања на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што е редовен професор (од 1986). Бил визитинг професор на повеќе универзитети во Европа, во САД и во Малезија. Проф. Мухиќ твори во рамките на голем број филозофски дисциплини, а предава и повеќе предмети: современа филозофија, нововековна филозофија, филозофија на политиката, филозофија на религијата, филозофска антропологија, естетика, херменевтика итн. Објавил голем број трудови, а најзначајните филозофски дела му се од областа на историјата на филозофијата, особено современата. Неговите есеи претставуваат врв на филозофската проза, со што се бришат границите помеѓу филозофијата и книжевноста. Застапен е во голем број филозофски и книжевни антологии во САД, В. Британија, Франција, Германија, Италија, Малезија итн. Преведуван е на албански, англиски, арапски, германски, турски, италијански и други јазици. БИБ.: Критички методи, 1977; Филозофија на иконокластиката, 1983; Фалцо Перегринус, 1988; Мотивација и медитација, 1988; штитот од злато, 1991; Јазикот на филозофијата, 1995; Ноуменологија на телото, 1992; Смислата и доблеста, 1997; Логос и хиерархија, 2001; Доминација и револуција, 2005; Потомци на боговите, 2005. ЛИТ.: Д. Давидовски, Хевристичката антропологија во творечкиот опус на Ферид Мухиќ, Дис., Филозофски факултет, Скопје, 2004; З. Жоглев, Врвовите на филозофот, 2006; Филозофски факултет во Скопје: 1920-1946-2006, Скопје, 2006, 267. Ив. Џ.