МУСА КЕСЕЏИЈА

МУСА КЕСЕЏИЈА (Муса Арбанаса) (Цариград, втората половина на ⅩⅣ в. – Цариград, 1413) – османлиски принц, епски јунак со извонредна сила и натприродни својства (со три срца). Бил син на султанот Бајазид. Во борбата на браќата за османлискиот престол (1409–1413) победил Мехмед, кој развил пропаганда против него, наречувајќи го кесеџија (разбојник), поради што станал погоден лик на зулумќар во македонската народна поезија, претставен главно како одметник од султанот и друмски насилник во Качаничката Клисура. Во епската народна песна тој дели мегдан со Крале Марко и во таа борба загинува „крај Вардара, на Демир Капија“. Нивниот двобој е претставен и на една фреска во црквата „Св. Богородица“ во с. Лопатица, Битолско. ЛИТ.: Недим Филиповиќ, Принц Муса и шејх Ведреддин, Сарајево, 1971; Јуначки народни песни. Избор и редакција д-р Кирил Пенушлиски, Скопје, 1968, 158–164; Александар Матковски, Отпорот во Македонија во времето на турското владеење, Ⅱ. Духовниот отпор, Скопје, 1983, 81, 84, 86 и 87. С. Мл.