МОНЕТАРНИ АГРЕГАТИ ВО МАКЕДОНИЈА

МОНЕТАРНИ АГРЕГАТИ ВО МАКЕДОНИЈА – оперативна дефиниција на паричните средства со кои располагаат небанкарските субјекти во даден момент. Монетарните агрегати првпат се дефинираат во 1953 г., а потоа претрпуваат низа промени во согласност со реформите на стопанскиот систем. Непосредно по монетарното осамостојување НБРМ продолжи да ја применува методологијата за пресметка на монетарните агрегати наследена од СФРЈ сè до мај 1994 г., кога почна да применува сопствена методологија. Најтесниот монетарен агрегат (М1) ја претставува потесната парична маса, која ја сочинуваат готовите пари во оптек и депозитните пари (тековните сметки на населението и жиро-сметките на правните лица). Поширок монетарен агрегат е М1.1, а го сочинуваат монетарниот агрегат М1 и денарските депозити по видување. Поширок монетарен агрегат е М2, во кој влегуваат монетарниот агрегат М1 и квазидепозитите (денарските депозити орочени до една година, девизните депозити по видување и девизните депозити орочени до една година). Монетарниот агрегат М3 го сочинуваат монетарниот агрегат М2 и ограничените депозити (депозитите што можат да се користат само за определена намена). Најширок монетарен агрегат е М4, кој го претставува вкупниот депозитен потенцијал на монетарниот систем и се добива како збир на монетарниот агрегат М3 и немонетарните депозити (денарските и девизните депозити што се орочени над една година).
ЛИТ.: Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Ецономѕ Пресс, Скопје, 2003, 64–70. Г. П.