МНОЗИНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ

МНОЗИНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ – облик на мнозинско одлучување. Мнозинското одлучување може да биде релативно (мнозинство гласови од предвидениот кворум), апсолутно (еден глас повеќе од половината избрани членови на органот) или квалификувано мнозинство на гласови од вкупниот број на избрани лица (на пр. 2/3, 3/5, 3/4). Владеењето на мнозинството е демократски облик на одлучување, бидејќи има цел да го оневозможи владеењето (но и тиранијата) на малцинството. Со гарантирање на разни права на малцинствата, мнозинското одлучување го познаваат АСНОМ и сите устави на Македонија, од Уставот на НРМ од 1946 г. до Уставот на РМ од 1991 г. Со релативно и апсулутно мнозинство се донесуваат законите, а со квалификувано мнозинство (2/3) уставот и уставните амандмани. Со двотретинско мнозинство гласови се донесуваат и неколку закони од поголемо значење за РМ (Закон за државните симболи, Закон за судовите, Закон за државната управа, Закон за одбраната, Закон за локалната самоуправа и законите за судските постапки). Со уставните амандмани од 2001 г. мнозинската демократија се коригира со Бадинтеровото мнозинство кога е во прашање одлучувањето за прашања од интерес на заедниците што не се мнозинство во РМ.
ЛИТ.: Светомир шкариќ, Споредбено и македонско уставно право, Скопје, 2004. Св. ш.