МЛАДЕНОВСКИ, Симо

МЛАДЕНОВСКИ, Симо (с. Враготурце, Кумановско, 28. Ⅷ 1947) – историчар, фолклорист и писател за деца; научен советник (1990) и редовен професор (1999) по помошни историски науки и методологија на научното истражување и раководител на Одделението за периодот меѓу двете светски војни во ИНИ. Завршил Учителска школа и Филозофски факултет (група Историја) во Скопје, каде што посетувал и постдипломски студии од историјата на македонскиот народ во ⅩⅠⅩ и ⅩⅩ в., а докторирал на Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб (1980). Бил професор во Гимназијата со средно економско училиште во Кавадарци (1970–1974), а потоа работи во ИНИ, каде што е избиран во стручни и научни звања. Бил член на Редакцијата и главен и одговорен уредник на сп. „Гласник“ на ИНИ, одговорен уредник на сп. „Родители и деца“, член на редакциите на „Историја“, „Македонско наследство“, „Развигор“, „Гоцеви денови“, „Просвета“ (Скопје) и „Народно стваралаштво – Фолклор“ (Белград). Бил директор на Државниот архив на РМ, претседател на Сојузот на друштвата на историчарите на Македонија и на Здружението на фолклористите на Македонија, член на Претседателството на Културно-просветната заедница на Македонија, претседател на Стручно-научниот совет на Државниот архив и координатор на проектот „Македонски историски речник“ на ИНИ. За Институтот за фолклор во Скопје собрал повеќе илјади страници народно творештво од Кумановско (1966– 1970), а за Мемоарското одделение на ИНИ забележал сеќавања од околу 200 учесници во македонското националноослободително движење меѓу двете светски војни. Учествувал на стотина научни собири во земјата и во странство. Автор е на повеќе монографии, зборници на документи, учебници по историја за сите одделенија и класови на основните и средните училишта (на македонски, албански и турски јазик), како и автор на неколку книги раскази и поезија за деца. Научен секретар на Македонската енциклопедија. БИБ.: Првачиња (раскази за деца), Скопје, 1969; Празникот на мама (раскази за деца), Скопје, 1970; Доктор ЕШКО (песни за деца), Кавадарци 1971; Раскази за деца, Скопје, 1973; Силјан штркот (прераскажал, според приказната на М. Цепенков), Скопје, 1977; Сонот на птиците (песни за деца), Скопје, 1978; Доста ропство и тиранство. Македонски народни песни со тематика од НОВ и Револуцијата, Скопје, 1978 (со коавтор); Македонските народни песни за НОБ и Револуцијата, Скопје, 1983; Револуционерката Руша Делчева (1868–1945). По спомените на Лика Чопова, Скопје, 1983; Младината од Македонија во НОБ, Скопје, 1983; Тиквешијата во НОВ 1941–1945. Документи, книга шеста, КавадарциНеготино, 1984 (со коавтори); шарена книга (Раскази и поезија за деца), Скопје, 1985; „Врапчето“ во Македонија како специфичен хумористично-сатиричен поетско-музички жанр, Скопје, 1985; Кичево и Кичевско во НОВ 1941–1945, Документи, Кичево, 1985 (со коавори); Банатското село Јабука, Скопје, 1986; НОБ и Револуцијата во Југославија и учеството на пионерите, Делчево, 1986; Куманово и Кумановско во НОВ 1941–1945, Документи, Куманово, 1988 (со коавтори); Банатско село Јабука, (на српски јазик), Скопје, 1988; Македонски револуционери, Скопје, 1989; Македонска енциклопедија за деца, т. 1-5, Скопје, 1990 (автор на одредниците од македонската историја од ⅩⅤⅠ-ⅩⅩ век); Македонски револуционери, Струмица, 1990; Македонска книга на рекорди, Скопје, 1992 (коавтор) и др. ЛИТ.: Муриз Идризовиќ, Македонската литература за деца, Скопје, 1988, 423-424; 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 124-129. Бл. Р.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *