МИШАЈКОВ, Дијамандија

МИШАЈКОВ, Дијамандија (Дијамандије, Диаманд) Трпков (Трпковиќ) (Битола, 15. Ⅲ 1872 – Софија, 6. Ⅳ 1953) – член-основач на Македонскиот клуб со читалиште во Белград (1902) и уредник на неговиот орган в. „Балкан-ски гласник“, член-основач и прв привремен претседател на МНЛД во С.-Петербург (1902) и коавтор (со Ст. Ј. Дедов) на првата комплетна македонска националноослободителна програма (12. Ⅺ 1902). Се школува во Битола и во Пловдив, а по завршувањето на Учителската школа во ќустендил, станува учител во родопското с. Чепеларе, каде што го основува Културно-просветното друштво „Проглед“. Го завршува Правниот факултет во Белград (1897– 1902) и цело време е во „кругот на македонските сепаратисти“ во Битола, Охрид и Софија, кои се „во прв ред Македонци“. По забраната на Македонскиот клуб и неговиот орган „Балкан-ски гласник“, заедно со Ст. Ј. Дедов, оди во С.-Петербург, а по ос-Дијамандија Мишајков новањето на МНЛД наскоро се враќа во Битола (февруари 1903) за да готви почва (со К. Мисирков) за отворање училишта на македонски јазик. По Илинденското востание, разочаран од резултатите, станува егзархиски учител во Серес (1904/05), но и тука „се обидел да прави сепаратистичка пропаганда“, па е истеран. Се поврзува со Дедов во Софија и со Мисирков во Одеса. Во периодот на „четничката акција“ во Македонија, Софискиот окружен суд му го признава „правото на кандидат-адвокат“ (1906) и потоа до крајот на животот останува како адвокат во Бугарија, контактирајќи за „македонските работи“ само со својот сомисленик М. Солунов. Пред смртта прави концепт за статија за македонскиот јазик како обединител на Пиринскиот и Вардарскиот дел на Македонија. ЛИТ.: Д-р Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, 1978, 157–163; истиот, Улогата и местото на Дијамандија Мишајков во македонската културно-национална историја, зб.: Научна мисла – Битола, 1980, 383–401. Бл. Р.