МИЦЕВСКИ, Кирил

МИЦЕВСКИ, Кирил (Скопје, 29. Ⅳ 1926 – 6. Ⅱ 2002) – академик, редовен професор по систематика и филогенија на вишите растенија на ПМФ во Скопје. Докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1958 г. Во 1974 г. е избран за дописен член на МАНУ, во 1979 г. за редовен член. Во 1995 г. е избран за дописен член на САЗУ, Љубљана. Автор е на шесте книги од првиот том од капиталното дело „Флора на Република Македонија“. Објавил над 120 научни трудови во кои се опишани 45 нови видови за науката од територијата на РМ и голем број пониски таксони. Ја обработил водната и блатната вегетација на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, Катлановското, Моноспитовското, Пелагониското, Струшкото и Охридското Блато, блатото кај Негоречка Бања, низинската ливадска вегетација, халофитската вегетација, делумно вегетацијата на брдските пасишта и др. Особено значење имаат двете монографии – за вегетацијата на Малеш и Пијанец и планината Бистра. Вл. М. Благоја Мицевски