МИФТАРИ, Осман

МИФТАРИ, Осман (с. Видуше, Гостиварско, 15. Ⅴ 1915 – Скопје, 2000) – правник. Ја завршил Великата медреса во Скопје (1936), а потоа дипломирал на Правниот факултет во Белград (1940). Во времето на НОБ извесно време бил во логор во Приштина. По Ослободувањето бил претседател на Окружниот одбор на НФМ и повереник за финансии на Окружниот народен одбор во Скопје, потоа судија во Врховниот суд на НРМ (1947/51), претседател на Окружниот суд и претседател на Народниот одбор на Општината Гостивар (1951/60), претседател на Околискиот комитет на ССРНМ и секретар на Околискиот комитет на СКМ во Тетово, член на Извршниот совет на СРМ (1963/7), народен пратеник во Републичкиот собор на Народното собрание на НРМ (1953-1957), народен пратеник во Народното собрание на СФРЈ, член на Главниот одбор на ССРНМ и на Сојузниот одбор на ССРНЈ, член на ЦК на СКМ, член на постојаниот дел на Конференцијата на СКМ, претседател на Врховниот суд на СРМ (1967/75) и судија на Уставниот суд на СРМ (1975/84). Бил одговорен уредник на зборникот „Збирка на судски одлуки на Врховниот суд на Македонија“ (Скопје, 1975).