МИЛЕНКОВСКИ, Јошка

МИЛЕНКОВСКИ, Јошка (Крушево, 11. Ⅸ 1960) – унив. професор, одбојкар. Завршил Факултет за физичка култура во Скопје (1984). Магистрирал на истиот факултет (1995) на тема: „Релации помеѓу некои когнитивни, базични моторички и ситуациономоторички способности кај одбојкарите од Првата македонска лига“ и докторирал (1999) на тема:
„Релации и разлики на некои когнитивни, специфично-моторни способности, конативни карактеристики и ситуационо-моторичкото знаење кај одбојкарите од плеј-оф и плеј-аут натпреварите на Македонија 1997–1998 г.“.Тој е вработен на Факултетот како асистент (1987), а сега е вонреден професор по предметот Одбојка. Одбојкар во ОК „Нико Доага“ во Крушево (1976–1978) и ОК „Вардар“ во Скопје (1978–1983). Тренер на Одбојкарскиот клуб „Фершпед Работнички“ во Скопје (од 1994), со кој повеќе пати го освојувал првенството на Македонија и успешно се натпреварувал во Купот на европските шампиони. Успешен и како селектор на Репрезентацијата на Македонија. Неколкупати бил прогласуван за најдобар спортски тренер и селектор во Македонија. Објавувал стручни и научни трудови. Д. С.

Сашо
Миленковски