МАЏУНКОВ, Митко

МАЏУНКОВ, Митко (Струмица,
19. Ⅲ 1943) – раскажувач, романсиер, драмски автор, есеист; академик. Основно училиште и гимназија има завршено во Струмица, а Филолошки факултет (светска книжевност со теорија на книжевноста) во Белград. Работниот век го поминал главно во Библиотеката на градот Белград, каде што е и пензиониран (како библиотекар-советник). Добитник е на повеќе книжевни награди и признанија. Освен на својот мајчин македонски јазик, пишувал и на српски. Член е на Здружението на писателите на Србија (1970) и на Друштвото на писателите на Македонија (1986), како и на Друштвото на независни писатели. Член на МАНУ надвор од работниот (2003) и редовен член (2007).
Автор со сеопфатно раскажувачко, романсиерско, драмско и есеистичко дело. Од првиот расказ Воскресение до најновите дела тој трага по целината исткаена од видливото и невидливото, надворешното и внатрешното, „стварното и имагинарното“, не заради голата книжевна постапка, туку заради нејзината сушност. Спаѓа меѓу најконзистентните автори, чија книжевна постапка се совпаѓа со авторскиот потпис. Неговото дело е длабоко вкоренето во почвата на Македонија и истовремено е органски врзано за стварноста на светот. Новините што ги внесува во литературата често се налик на градбите што ги опишува. Композицијата на неговото дело Кула на Ридот целосно се совпаѓа со сижето, а со тоа и со значењата на романот. Вистинитоста комплементарна со стварноста, и обратно, го преобразува сижето и во Времето на ирвасите за да стане дел од историјата на книжевните идеи. Сижето честопати е невидливо за актерите, односно за ликовите на делото и може да се воспостави само во свеста на читателот. Полифонискиот пристап е очигледен и во драмите, кои се во постојан дијалог со неговите раскази. Целината понекогаш се дава како збир од фрагменти, како вселена населена со малку материја (текст), но со силни гравитациски (творечки) сили што ја држат заедно.
ДЕЛА: раскази: Чудан сусрет (Београд, 1970), Убиј говорљивог пса (Београд, 1973), Над троскотот облаци (Скопје, 1974), Мирисот на земјата (Скопје, 1984), Чудна средба / Над троскотот облаци
(прво комплетно издание на дотогашните раскази на македонски, Скопје, 1986), Убиј го зборливото куче (Скопје, 1988); кратки прози: Меѓата на светот (Скопје, 1985, второ, променето издание 1990), МеÑа света (Белград 1984), Парадоксален сон (Скопје, 1987), Дрвото на Нарајана (Скопје, 1998), Бегството и повторното раѓање на зографот (Мелбурн, с. а.), Дарови неба (Панчево, 2007); романи: Кула на Брду (Београд, 1980), Кула на Ридот (Скопје, 1981, ред. издание 1999), Домот на Александар (Скопје 1986), Кон другата земја (Скопје, 1993), Александров дом (Београд, 2002), Времето на ирвасите (Скопје, 2003); есеи: штркот единак и неговото јато (Скопје, 2000), Чехов или Тајна приповедања (Београд, 2006); драми: Големиот Смок, Сенката, Пуста земја, Пат за Лихнидос, Мелница, Чудо големо
(изведувани на театарските сцени и објавувани во посебни книги).
ЛИТ: Марко Недиђ, Паралелна слика стварности (Кула на Брду 1981); Христо Георгиевски, Македонскиот роман, 1991; истиот, Слободна игра на духот и создавањето, Поетиката на македонскиот расказ, 1985; Лидија Капушевска-Дракулевска, Во лавиринтите на фантастиката, 1998; Георги Старделов, Литературата како спас, Ноќен градинар, 2006; истиот, Голем
романсиерски потфат (Кон другата земја 1994); Влада Урошевиќ, Избор по сродност, Избрани дела, том Ⅶ, 2007. Г. Ст.