МАНАСТИРСКИ БОЛНИЦИ. Средновековната медицинска доктрина пропагирана од Византија била под контрола на црквата и на нејзините сфаќања што се испреплетувале со проверените медицински знаења. Почетоците на средновековната медицина се јавуваат по црквите и во манастирите. Првите манастирски болници биле пред сè хуманитарни установи, во кои се спроведувала духовна и телесна медицина и им се давале совети на болните. Тие одиграле голема улога во развојот на медицинската мисла и хоспитална здравствена заштита кај нас. Св. Кирил и св. Методиј и нивните ученици св. Климент и св. Наум Охридски, освен огромната просветителска дејност, биле и основоположници на медицинската наука, особено на манастирската болничка служба, превентивната и социјалната медицина во Македонија и пошироко. Најстара била Климентовата болница во манастирот „Св. Пантелејмон“ во Охрид (Ⅸ в.), потоа „Св. Наум Охридски“, „Св. Врачи“ во Битола, „Св. Јоаким Осоговски“ во близина на Крива Паланка, болницата во манастирот „Св. Архангел Михаил“ посветена на Гаврил Лесновски и др. П. Б.