МАНАКИ, Милтон

МАНАКИ, Милтон (с. Авдела, Костурско, 1882 – Битола, 5. Ⅲ 1964) – фотограф и филмски снимател (од влашко потекло), помлад брат на Јанаки. Завршил основно училиште и први клас гимназија, а потоа се оддал на изучување на фотографскиот занает кај постариот брат Јанаки. По андартското палење на родното село заедно со брата си, се преселиле во Битола (1905), каде што отвориле „Ателје за уметничка фотографија“ и од Лондон ја купиле филмската „Камера 300“ (1905), со која го снимиле првиот документарен филм „Ткајачки“, а подоцна филмски регистрирале и разни други настани и моменти од секојдневието во документарните филмови „Влашкото училиште во Авдела или Училиште на отворено“ (1905), „Прославата на Ѓурѓовден“, „Македонски ора“, „Влашка свадба“, „Македонска свадба во Битолско“, „Власи номади – Каракачани“, „Репресии врз македонското население во Битола“,
„Прославата на Св. Кирил и Методиј“ (1905–1908), „Панаѓур кај Света Недела во Битола и во други места“ (1907), „Бесењето на Илинденци“ (1908), „Султанот Мехмед Решад во Солун и во Битола“ (1911) и др. Подоцна самостојно го снимил и документарниот филм „Тито во Битола“ (1963) и др. Зачувани се околу 100 краткометражни филмски записи и репортажи со околу 1.600 м филм-ска лента од 35 мм, 18.513 фотонегативи и 17.854 фотографии.
ЛИТ.: Леонид Манаки: Милтон основоположник на нашата кинематографија.
Разговорот го водеше Томислав Османли.
„Екран“, ⅩⅣ, 694, Скопје, 2. Ⅲ 1984, 42–
44; Творештвото на браќата Манаки, Скопје, 1996. С. Мл.

Душан
Манаковиќ