МАКЕДОНСКИ МЛАДИНСКИ СОЈУЗ во Бугарија

МАКЕДОНСКИ МЛАДИНСКИ СОЈУЗ во Бугарија (1923–1934 г.) – организација на младинци-бегалци од Македонија. По иницијатива на Варненското друштво во Варна бил формиран Сојуз што обединувал 11 младински друштва. Во тоа време сојуз бил основан и во Пловдив. Во октомври 1923 г., на Конгресот во Русе, двата сојуза се обединиле во Македонски младински сојуз, во кој влегле 17 друштва со 1.000–2.000 членови. Во 1924 г. бројот нараснал на 15.000. Основна дејност на Сојузот била културно-просветната. Органи на друштвото биле: в. „Устрем“ (1923–1926) и сп. „Родина“ (1926–1934). По 19 мај 1934 г.ММС бил расформиран. ЛИТ.: Надежда Цветковска, Политичката активност на македонската емиграција во Бугарија од 1918 до 1929 г., Скопје, 1990. Н. Цв.