Македонија, географска

Македонија, географска – планинско-котлинска територија на Балканскиот Полуостров. Го зафаќа средишниот дел на Полуостровот и широко излегува на Егејското Море и на Солунскиот Залив. На север е заградена со шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак, Осогово и со Рила, а на југ со реката Бистрица и со брегот на Егејското Море до утоката на реката Места. На запад границата води по билата на планините: Кораб, Дешат, Крчин, Јабланица, Грамос и Пинд, а на исток по реката Места и западните падини на планината Родопи. Во овие природни и етнички граници таа зафаќа површина од 68.451 км .Со Букурешкиот мировен договор (1913) оваа територија била поделена меѓу победничките сили во Балканските војни Србија, Грција и Бугарија. Најголем дел од територијата припаднала на Грција 34.411 км или 50,3%, помал дел на Србија 26.440 км или 38,6% и најмал дел на Бугарија 6.798 км или 9,9%, а одделни подрачја биле доделени и на Албанија, како Мала Преспа, Голо Брдо, дел од Гора и др., со површина од 802 км или 1,2%. Всушност, Вардарскиот дел на Македонија бил окупиран од Србија, Егејскиот дел од Грција и Пиринскиот дел од Бугарија.

Македонија има мошне поволна географска положба. Средишната сместеност на Балканскиот Полуостров овозможила да стане крстосница на важни патишта и магистрали.
УШТЕ во римско време преку неа минувала познатата попречна магистрала Виа Егнатија (Виа Егнатиа), која од Драч преку Елбасан, Охрид и Битола водела кон Солун и Цариград. Подоцна, главните меѓународни сообраќајници што ја поврзуваат Македонија со светот се изградени по долините на реките Вардар и Струма. Солун, пак, од секогаш бил и останал најважно пристаниште за целата македонска територија.
Македонија се карактеризира со мошне сложена релјефна структура. Во нејзиниот релјеф се сменуваат големи и високи планински масиви – шар Планина (2.747), Пирин Планина, Осогово (2.252), Јакупица (2.540), Баба (2.601), Бистра (2.163) и др. со пространи и затворени котлини (Пелагонија, Полог, Скопска Котлина, Овче Поле, Струмичка Котлина, Серска Котлина, Благоевградска Котлина и др.). За рамните дна на котлините се карактеристични алувијалните почви и смолниците, по нивните рабови дилувијалното земјиште, а на планините кафеавите почви. Кристалестите шкрилци, магматските и метаморфните карпи, од кои во најголем дел е изграден релјефот на Македонија, се носители на повеќе важни минерали, како оловно-цинковата руда во осоговскиот масив, железната руда на Бистра, бакарната руда кај Радовиш, хромната руда во љуботенскиот масив и на Халкидик и др. Во Македонија, која на југ со долг брег излегува на Егејското Море, се јавува медитеранската клима, а од север преку Вардарско-моравската долина е изложена на континенталната клима. На високите планини, пак, владее планинската клима.
Хидрографската мрежа во Македонија ја сочинуваат реките: Вардар, Струма, Места, Бистрица и Црни Дрим со своите притоки, како и езерата – Охридско, Преспанско, Дојранско, Костурско, Лагадинско, Бешичко и др. Вегетацијата во Приморска Македонија е медитеранска со карактеристичните шуми – макии, а од културните растенија – со лозата и маслинката. Понасевер од медитеранската растителна област се листопадните дабови и букови шуми, кои се наредени катовски, а над нив се високопланинските пасишта. Животинскиот свет е составен од медитеранска и средноевропска фауна.
ЛИТ.: Александар Стојмилов, Физичка географија на Република Македонија,
ПМФ, Скопје, 2002. Ал. Ст.