МАКЕДОНИЈА во времето на османлиското владеење

Македонија во времето на османлиското владеење.

Српската држава од 1170&1350 година

Во периодот меѓу Маричката битка (1371) и битката на Ровине (1395) Македонија целосно потпаднала под османлиската власт. Во новото политичко уредување христијаните станале граѓани од втор ред и не ги уживале истите права како и муслиманите. Основа на новото уредување бил т.н. тимарско-спахиски систем што се состоел од доделување феудални земјишни лена (тимари, зеамети и хасови) во замена за исполнувањето на воените обврски. Во почетокот имало и христијани-тимариоти, кои постепено исчезнале. Земјата ја обработувало феудално зависното население – христијани и муслимани, познати под името раја, кое од ⅩⅤⅠⅠ в. ги оз-начувало главно христијаните. Тие биле должни да им даваат даноци и на феудалниот господар и

Османлиските освојувања на балканските земји

 

на државата и не можеле слободно да располагаат со својата земја. Стопанството имало натурален карактер и селанецот ги задоволувал своите потреби занимавајќи се со земјоделство и со сточарство. Градовите, по краткотрајниот застој, доживеале експанзија со брз развој на занаетчиството и трговијата во нив. Промени настанале и во демографската структура на населението. Преку колонизација во Македонија биле населени турски номадски сточари, пред сè Јуруци, од Мала Азија. Во ⅩⅤⅠ в. биле создадени Солунскиот и Овчеполскиот јуручки санџак, а нивниот број достигнал околу 140.000 лица. По протерувањето од Шпанија (1492) и од Португалија (1497) се доселило во Македонија и бројно еврејско население.

Сцени од секојдневниот живот & фрески во црквата „Св. Атанасиј Александриски“ во с. Журче, Демирхисарско (1622)

 

 

 

Демографските промени биле предизвикани и од процесот на исламизацијата. Таа започнала во ⅩⅤ в., а најсилниот бран се случил во втората половина на ⅩⅤⅠ в., кога процентот на исламизираните христијани по градовите изнесувал 25% од градската популација, додека во селата само 3%. Исламизацијата продолжила и во наредните векови, засилувајќи се особено во воените години. Православната Охридска архиепископија, и покрај големите загуби што ги претрпела, продолжила да функционира и по освојувањето. Сè до нејзиното укинување во 1767 г. таа била носител на народната култура и духовен заштитник на христијаните. Промените во земјишните односи и воведувањето на чифлигарскиот систем го засилило ајдутското движење и предизвикало реакција на христијанското население. УШТЕ во 1564/65 г. во Мариово и во Прилеп биле кренати првите буни, а во есента 1689 г. избувнало Карпошовото востание. Задушувањето на востанието и стравот од репресалии предизвикале иселување на христијанското население од Северна Македонија. На нивно место биле населени доселеници од Албанија, со што започнало менувањето на етничкиот состав на населението во овој дел на Македонија. Слабата централна власт и анархијата во Империјата овозможиле во втората половина на ⅩⅤⅠⅠⅠ в. во поголемиот дел од Македонија локалната власт да ја приграбат моќни бегови (претежно од албанско потекло), кои дејствувале независно од централната власт. Положбата на рајата станувала сè потешка и поради дејствувањето на крџалиите, воени дезертери, што здружени во големи банди ги напаѓале селата и градовите. Реформите воведени во Империјата по 1839 г. значеле постепено подобрување на состојбата на немуслиманите, кои, формално, станале рамноправни со муслиманите.

Карта на Македонија (1770)

Во Македонија дошло до зголемување на стопанскиот развој, била изградена железница, се воспоставиле телеграфски и телефонски линии, а трговијата, посебно меѓународната, доживеала експанзија. Христијаните биле поприсутни во стопанството и во трговијата, учествувајќи и во локалната градска власт. Била спроведена и територијална реформа, со која биле формирани трите вилаети: Солунскиот, Битолскиот и Косовскиот.

Зоран Ризовски: Димитар Попгеоргиев-Беровски

Иако по Руско-турската војна (1877–1878) дошло до повторно влошување на економската и политичката ситуација, веќе бил создаден богат христијански граѓански слој и интелектуална елита, кои почнале да ги артикулираат своите политички и национални интереси, со што започнало националното движење на македонскиот народ за ослободување. ЛИТ: Историја на македонскиот народ, Ⅱ. Македонија под турска власт (од ⅩⅣ до крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ век), редактор д-р Александар Стојановски, Скопје, 1998; Александар Матковски, Отпорот во Македонија, И-Ⅳ, Скопје, 1983; Александар Стојановски, Градовите во Македонија од крајот на ⅩⅣ до ⅩⅤⅠⅠ век. Демографски истражувања, Скопје, 1981; истиот, Македонија во турското средновековие (од крајот на ⅩⅣ – почетокот на ⅩⅤⅠⅠⅠ век), Скопје, 1989; истиот, Македонија под турската власт. Статии и други прилози, Скопје, 2006. Др. Ѓ.