ЛЕКОВСКИ, Александар

ЛЕКОВСКИ, Александар (Ниш, 11. Ⅻ 1933) – диригент и композитор. Во 1959 г. дипломирал диригирање на Музичката академија во Белград (проф. Ж. Здравковиќ), каде што и магистрирал (1967). Бил на специјализација во Италија. Од 1960 работи како диригент во Операта и Балетот на МНТ. Две години (1975–1977) бил на должноста директор на оваа институција. Во МНТ со успех реализирал повеќе од 20 оперски и 15 балетски дела од класичниот, современиот и домашниот репертоар. Позначајни остварувања, опери: Кармен, Аида, Боеми, Тоска, Кнез Игор, Палјачи, Травијата, Трубадур, балети: Копелија, Ромео и Јулија, Охридска легенда, Дон Кихот. Настапувал и на концертниот подиум како симфониски диригент, реализирајќи голем и разновиден репертоар. Во периодот 1982-1986 бил директор на Македонската филхармонија. Гостувал во повеќе европски земји и во поголемите музички центри на поранешна Југославија. Се занимава и со композиторска активност. Создал повеќе симфониски и камерни творби, поголем број хорски композиции, како и два балета: (Стремежи и Елан). Ф. М.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *