ЛАПЕ, Љубен

ЛАПЕ, Љубен ( Прилеп, 11. Ⅹ 1910 – Скопје, 24. XI 1985) – историчар, унив. професор, член на МАНУ. Се школувал во Прилеп и во Белград, каде што ги завршил студиите по историја. Бил професор по историја во Подгоричката гимназија. По капитулацијата на Југославија (ИВ 1941) се вратил во Македонија (Прилеп). За време на бугарската окупација бил професор во Струмица, а потоа бил преместен во Панаѓуриште (Бугарија). Бил одведен во логорот Чучулигово (април 1943). По капитулацијата на Бугарија (во есента 1944) бил ослободен, се вратил во Македонија и бил поставен да ја раководи просветата во Битолската област. Бил помошник на повереникот за просвета (од јануари 1945), станал еден од основачите на Филозофскиот факултет (1946), на Педагошката академија (1947), на Институтот за национална историја (1948), на Архивот на Македонија, на Друштвото на историчарите на Македонија и др. Бил директор на Институтот за национална историја (1952-1956), еден од покренувачите и редактори на „Гласникот на ИНИ” и на сп. „Историја”. Бил редовен професор по предметот историја на македонскиот народ (нов век) на додипломските и на постдипломските студии на Филозофскиот факултет на Наставнонаучната група за историја, ментор на магистранти и докторанти и дал особен придонес за изградувањето на наставно-научните кадри за историската наука. Автор е на повеќе од 200 научни и стручни трудови посветени на историјата на македонскиот народ (ⅩⅤⅠⅠⅠ-ⅩⅩ в.). Бил избран за дописен (1972), а потоа и за редовен член на МАНУ (1974). ЛИТ.: Љубен Лапе, 1910-1985, Прилеп, 1990; Љубен Лапе, живот и дело, Скопје, 1997. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *