КУМАНОВСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД

КУМАНОВСКИ НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛЕН ПАРТИЗАНСКИ ОДРЕД (кумановските бавчи, 26. Ⅵ 1943 – с. Пелинце, Кумановско, 1. Ⅻ 1943) – партизанска единица на НОВ и ПОМ. Бил формиран од 11 членови на Кумановската организација на КПЈ и СКОЈ, во две одвоени групи. Бидејќи се разминале на зборното место кај раскрсницата на Четирскиот и Никуљскиот пат, едната група кај с. Братоселце (Србија) се приклучила како четврта десетина на Вториот јужноморавски НОПО, а втората група се упатила на козјачкиот терен и извршила напад на општинската зграда во с. Сув Ора (4/5. Ⅶ 1943). По контакт со Кумановската организација на КПМ, наскоро и таа група се приклучила кон четвртата десетина на Вториот јужноморавски НОПО. Со приливот на нови борци, таа четврта десетина прераснала во чета на Вториот јужноморавски НОПО и извршила напад на железничката линија северно од Букуревац, на рудниците „Трнава“ и „Островица“, водела борба со четничките сили кај с. Нерав (Србија) и извршила други акции. Кога групата нараснала на 21 борец од Кумановско, се издвоила во посебен Кумановски НОПО (месност Сливнички Уши кај с. Сливница, Врањско), по што се упатила да дејствува на козјачкиот терен, Кумановско. Одредот водел борба со бугарската војска и полиција во манастирот Карпино (5. Ⅹ), со четничките сили во с. Драгоманце (7. Ⅹ), со контрачетниците на Суљо во реонот на с. Думановце (9. Ⅹ), вршел диверзии на железничката линија Скоп-је-Ниш и др. Кога се зголемил на над 100 борци, прераснал во Прв кумановски НО баталјон „Јордан Николов-Орце“. ИЗВ.: Куманово и Кумановско во НОВ 1941-1945. Документи, Куманово, 1988. ЛИТ.: Спомен-зборник на загинатите борци од НОВ и жртви на фашистичкиот терор од Куманово и Кумановско 1941–1945, Куманово, 1976, 174–176; Од десетина до баталјон. Подготвил С. Марковски. „Нова Македонија“, ЏЏЏИЏ, 13088– 1397, Скопје, 1-10. Ⅶ 1983. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *