КУМАНОВСКА КОТЛИНА

КУМАНОВСКА КОТЛИНА – се протега на крајниот северен дел на РМ. Границата на котлината е најјасно изразена на западната, северозападната и северната страна, каде што води по билата на Скопска Црна Гора (претставена со нејзиниот огранок Карадак), Руен (775 м) и на Козјак (1.326 м), а потешко може да се следи југоисточната граница спрема Овче Поле. Слично е и со северната граница каде што ја сече Кумановско-прешевската Долина. Зафаќа површина од 1.290,5 км², а мал дел 66,5 км² припаѓа на Република Србија. Кумановската Котлина се карактеризира со ритчесто-брановиден релјеф кој е настанат со всекување на помали речни текови во некогашната централна езерска рамнина. Во таа смисла можат да се издвојат две морфоструктурни целини: планински релјеф и долински релјеф. Во средишниот дел се протега Кумановско Поле. Во него се издојуваат две морфолошки целини: Жеглигово на запад, Средорек со Страцин на исток и Цр-но Поле, Нагоричанска Зарамнина, Врело Поле и Рудо Поле како помали целини. Дното на Кумановско Поле е покриено со неогени седименти. Во текот на плиоцен ЈИ дел на котлината е зафатен со силна вулканска активност. Доказ за тоа е формирањето на големата базалтна плоча кај с. Нагоричани, единствена од таков вид на Балканскиот Полуостров. Во котлината се чувствуваат променетоконтинентални и променетомедитерански влијанија. Тоа нешто овозможува одгледување на градинарски култури, пченка, крмни растенија и др. Развиена е градската населба Куманово. ЛИТ.: Т. Андоновски, И. Милевски, Геоморфолошки карактеристики на Кумановската котлина, „Географски разгледи”, кн. 36, Скопје, 2001. Т. Анд.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *