КРСТИЌ, Мицко (Мицко Крстев Павлоски; Мицко војвода) (с. Латово, Порече, 1840 – Македонски Брод, 26. Ⅹ 1909) – поречки војвода. По судирот со качачкиот водач Џемо на сопствената свадба, првин работел како самарџија во Скопје, а потоа во Турну Северин (Романија, април 1876). Таму стапил во малата чета на Стеван Петрески-Угриноски и по враќањето го ликвидирале зулумџијата Џемо (летото на 1878). Подоцна оформил своја чета, но во една борба бил заробен (1882) и осуден на 20 години робија. По излегувањето од затвор (1902) пак оформил чета, но по Илинденското востание се приклонил кон српската оружена пропаганда. По Младотурската револуција се обидел да се легализира за мудур во Самоков, но бил убиен од заседа по наредба на кичевскиот кајмакам. ЛИТ.: Милојко В. Веселиновий, Брсјачка буна године 1880 у Битољском вилајету и војвода Мицко, Скопље, 1905; Коџа, Војвода Мицко – живот и рад, „Четнички споменик”, Скопље, 1930; Милан Ристески, Порече низ историјата, Скопје, 1982, 39–87. С. Мл. Светислав Крстиќ