КРАТОВСКО-ЗЛЕТОВСКА КНИЖЕВНА ШКОЛА .- македонски книжевно-културен центар (ⅩⅠⅠⅠ-ⅩⅣ в.). Се карактеризира со повеќе изразити книжевнокултурни средишта во низа цркви и манастири околу градовите Кратово, Злетово, Крива Паланка, Куманово и Скопје, меѓу кои најпознати се манастирите Прохор Пчињски, Јоаким Осоговски, Лесновски, Матејче, Карпински, Марков и други. Овие манастири со словенско монаштво и со пустиножители никнуваат по паѓањето на Самуиловото Царство, откако Охридската патријаршија била сведена на степен на архиепископија. Својот најголем подем го достигнала во ⅩⅠⅠⅠ и ⅩⅣ в., кога и се напишани многу ракописи, значајни за историјата на македонскиот ј., меѓу кои попознати се: Радомирово ев., Македонско ев. на поп Јована, Кратовско ев., Карпинско ев., Карпински ап., Вранешнички ап., Верковиќев ап., Лобковски паримејник, Станиславов пролог, Лесновски паренезис и др. Ракописите од оваа школа документираат вкрстување и симбиоза на разни правописни традиции. ЛИТ.: Кита Бицевска, Правописни и фонетски особености во ракописите од Северна Македонија, Ск., 2000; Илија Велев, Лесновскиот книжевен центар, Ск., 1997. К. Биц.