КРАНГО-ДУЧО, Стерјо

КРАНГО-ДУЧО, Стерјо (Скопје, 29. Ⅷ 1920 – Скопје, 24. IX 1991) – комунистички деец, првоборец и правник. Го изучил електро-водоинсталатерскиот занает. Како член на УРС-овиот синдикат, на КПЈ (август 1940) и на МК на СКОЈ во Скопје, бил учесник во првите диверзанстки акции во градот и борец на првиот Скопски НОПО (22. Ⅷ 1941). По расформирањето на Одредот бил уапсен (есента 1941) и во судскиот процес (27. Ⅳ – 9. Ⅴ 1942) осуден на смрт со бесење, заменето со доживотна робија. Казната ја издржувал во Скопскиот централен затвор и во Идризово, од каде што избегал (29. Ⅷ 1944) и се вклучил како член на штабот на Третата македонска НОУБ и потоа на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ. По Ослободувањето работел во ОЗН и УДБ, а по вонредното дипломирање на Правниот факултет во Скопје, се оддал на правосудната дејност. Носител е на Партизанска споменица 1941. БИБ.: Во ќелијата на смртта, второ проширено издание, Скопје, 1967; Сеќавања, Скопје, 1980; Бугарскиот терор и отпор во Скопскиот затвор, Сеќавања, Скопје, 1986. ЛИТ.: Митре Инадески, Првата година на НОВ и Револуцијата, Скопје, 1973; истиот, Незгасливи искри. Преглед на диверзантско-саботажните акции и некои други илегални активности во Скопје и Скопско 1941–1944, Скопје, 1982; Александар Спасовски, Партизанското движење во Скопје и Скопско 1941–1945, Скопје, 1984. С. Мл. Данаил Крапчев