КОНСТАНТИНОВ, Душан Христов

КОНСТАНТИНОВ, Душан Христов (Крагуевац, Србија, 17. Ⅴ 1924 – Битола, 20. Ⅰ 2002) – етнолог и историчар, издавач на весници и одделни публикации, еден од основачите на Друштвото за наука и уметност во Битола, полиглот (со познавање на над 20 јазици) и со две дисертации одбранети на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје (на Природно-математичкиот факултет) од областа на етнологијата на тема „Печалбарството во Македонија” и на Филозофскиот факултет од областа на националната историја на тема „Дамјан Груев. Личноста на револуционерот, неговата улога и неговото место во македонското револуционерно и народноослободително движење” (1980). Автор е на компаративен превод на Светото писмо од староеврејски (јидиш) со користење на преводите на грчки, латински, старословенски и преводите на современите светски јазици. Ав-тор е и коавтор на над 50 книги и голем број библиографски единици за македонското минато; често како коавтор со брат му Милош Константинов (в). Како библиофил, оставил лична библиотека од околу 50.000 книги. БИБ.: Хроника на битолско Лавци, Битола, 1962 (со коавтори); Летопис на Вториот реонски комитет на Комунистичката партија на Југославија – Битола (1941-1944), Битола, 1963 (со коавтори); Пуста Река, Битола, 1963 (со коавтори); Битола. Скица за водичот, Битола, 1964 (со коавтор); Противпожарната активност во Битола, Битола, 1964 (со коавтор); ПТТ во Македонија – општ осврт врз историскиот развој, Скопје, 1970 (со коавтори); Синдикатите во Скопје (1900-1908-1971). Прилог за историјата на работничкото и синдикалното движење, Скопје, 1971 (со коавтори); Драмски театар – Скопје (1946-1976). Триесет години творечки подем, Скопје, 1976 (со коавтори); Илустрирана Библија за млади, Загреб, 1977 (коавтор на македонскиот превод, заедно со римокатоличкиот свештеник Петар Ташев); Кратка етничка и културна историја на македонскиот народ (КЕКИМАН), кн. 1, Скопје-Битола, 1978 (со коавтори); Печалбарство, дисертација, Битола, 1984; Дамјан Груев, дисертација, Смилево, 1984. С. Мл. Јанко Константинов

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *