КОЛЕВСКИ-ЛАВСКИ, Лазо Филипов

КОЛЕВСКИ-ЛАВСКИ, Лазо Филипов (с. Мрзеново, Велешко, 1918 – близу до Плетвар, на патот Кавадарци-Прилеп, 2. Ⅲ 1942) – првоборец и народен херој. Како Лазо Колевски-Лавски печалбар во Белград, се вклучил во тамошното синдикално движење. По враќањето во Прилеп, како активист на УРС-овите синдикати, бил примен за член на КПЈ и учествувал во Илинденските демонстрации во Прилеп (1940), поради што бил уапсен. По Априлската војна (1941) бил член на Месниот воен штаб на МК на КПЈ во Прилеп и инструктор за ракување со оружје. При акцијата на Тунелот кај Богомила (септември 1941) го убил стражарот. Бил борец на Првиот прилепски НОПО „Гоце Делчев”. Загинал во непријателска заседа, заедно со народниот херој Борка Талески. Прогласен е за народен херој на Југославија (11. Ⅹ 1953). ЛИТ.: Прилеп и Прилепско низ историјата, кн. втора, Прилеп, 1972; Коце Солунски, Колевски Филип Лазо – Лавски (1918–1942), Народни херои од Македонија, Скопје, 1973, 180–185; Прилеп и Прилепско во НОВ 1941 година, Скопје, 1976; Прилеп и Прилепско во НОВ 1942 година, кн. прва и втора, Скопје, 1978. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *