КОКАЛЕСКИ, Ѓурчин

КОКАЛЕСКИ, Ѓурчин (Лазарополе, 1775 – Лазарополе, 1863) – еден од првите македонски преродбеници, истакнат големопоседник, трговец, кнез, ктитор и автор на првиот автобиографски текст со световна содржина во македонската литературна историја на народен јазик и со словенското писмо под наслов „Наказание”. Изучил повеќе занаети, а кога почнува да се занимава со сточарство станува ќаја. Формира карашица (1801) и е меѓу првите организатори на сточарска производна задруга; претставник на мануфактурна индустрија и земјишен големопоседник, а се занимавал и со лихварство и трговија. Станува заштитник на христијаните и борец против грчката културна доминација. Успева да издејствува аудиенција кај султанот, од кого добил дозвола за градење црква и џамија, за постојано носење оружје и ферман со кој ќе се регулираат давачките во неговиот крај. Зачуван е ферманот за законското право да го заштитува својот крај од одметниците и да учествува во Покраинското собрание. Во родниот крај финансира изградба, зографисување и снабдување со црковнословенски книги на црквата „Св. Ѓорѓија” во Лазарополе, во која било основано и првото основно училиште (1841). Гради џамија во с. Лубаново, помага во обновата на манастирот „Св. Пречиста” кај Кичево, му помага на манастирот „Св. Јо-ван Бигорски”, како и при изградбата на храмот во с. Росоки (1836). Во лазарополската црква за него имало посебен престол, на којшто често седел, а по смртта бил погребан покрај олтарот. Станува јунак во мијачките песни и преданија. ЛИТ.: Александар Белий, Галички дијалекат, Београд-Срем. Карловци, 1935, 275–305; Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески 1775–1863 (Прилог кон прашањето за создавање на селска, сточарскотрговска буржоазија во Македонија, Скопје, 1959. Б. Р.-Ј. Мегалитската опсерваторија Кокино, поглед од централната астрономска позиција

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *