КОДРА, Масар

КОДРА, Масар (Масар Кодра) (Дебар, 1932 – Скопје, 2004) – историчар, научен соработник, унив. професор. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (Група историја, 1955). Докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб на тема „Албанска националност у Македонији у народноослободилачкој борби” (1974). Беше асистент и научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје (1. Ⅰ 1967 – 1. Ⅶ 1975), а потоа професор на Катедрата по историја на Филозофскиот факултет во Приштина. Има објавено над 30 научни трудови за современата историја на Албанците во Македонија. БИБ.: Значаен јубилеј – 25 години од формирањето на КПМ, „Безбедност”, Ⅷ, 1, Скопје, 1968, 20–24; Соработката на албанскиот и македонскиот народ во текот на НОБ (1941-1944), „11 Октомври”, Скопје, 1972, 76–82; Учеството на припадниците на албанската народност во проширувањето на слободните територии во Македонија, „Слободните територии во Македонија 1943”, Скопје, 1975, 137–154; Комунистичката партија на Македонија и народностите (1919-1945), „Основањето и развојот на Комунистичката партија на Македонија”, кн. втора, Скопје, 1980, 983–1010. С. Мл.