КОВНИЦИ НА ПАРИ ВО МАКЕДОНИЈА

КОВНИЦИ НА ПАРИ ВО МАКЕДОНИЈА (монетарници, дарбхани, тарапани) – познати се уште во античкиот период и подоцна во средниот век. Тесно биле поврзани со експлоатацијата на рудните богатства и со обработката на благородните метали (злато, сребро и бакар). Со доаѓањето на Турците османлии на Балканот и во Македонија повторно се активирале во: Серез, Кавала, Солун, Кратово, Сидерокапса, Скопје, Охрид и за краток период во Ресен, Кочани и Битола. Од дејноста на ковниците зависеле главните фактори во Османлиската Империја, кои се однесувале на државната и царската каса (хазна), преку кои се финансирале освојувачките походи при ширењето на исламската држава. Ковниците биле поврзани со давањето кредитни заеми на закупувачи на државни и царски приходи (хасови) од рудници, солани, барутани, оружарници, далјани (рибници), касапници и др., преку системот малиќане и мукатаа (закупи); собирањето на разни воени и цивилни даноци и такси од земјоделството, сточарството, трговијата, панаѓурите и пазарите, селското и градското население; дејноста на сарафите (менувачи на пари), лихварите (зеленашите), крупните трговци (бизриѓаните), еснафските организации (каси и лонџи), кујунџии и златари. Ковењето и курсот на монетите биле регулирани со царски закони (кануни), наредби (фермани, берати), со статути и прописи, посебно против фалсификаторите на монетите, кои биле најстрого казнувани. При изработката на монетите се употребувала мерната единица мискал = 1,1/2 драма = 24 карати = 4,618 г, или еден грам тежел 0,19 г. Се ковеле бакарни, сребрени и златни монети. Најмногу се ковеле сребрени акчиња во ⅩⅤ–ⅩⅤⅠ в., кои биле мали, имале неправилна форма и различна вредност, дијаметар и тежина; со арапски натпис на името од султанот, место и година на сечењето и благослов со религиозно значење. Во Македонија монети ковеле следните султани: Мехмед Ⅰ Челеби: сребрени (Серез), 1419–1421; Мустафа Челеби: сребрени (Серез); Мурад Ⅱ: сребрени (Серез, Скопје); бакарни (Серез); Мехмед Ⅱ „Фатих” („Освојувач”): сребрени (Серез, Скопје); бакарни (Серез), 1481–1512; Бајазид Ⅱ: златни (Серез, Кратово); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Солун); бакарни (Скопје, Кратово), 1512–1520; Селим И: златни (Серез); сребрени (Серез, Скопје, Кратово) 1520– 1566; Сулејман И „Кануни” („Законодавец”): златни (Серез, Кратово, Сидерокапса, Солун, Кочани); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Кочани); бакарни (Серез), 1566–1574; Селим Ⅱ: златни (Серез, Кратово, Сидерокапса, Кочани); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Кочани, Охрид), 1574–1595; Мурад Ⅲ: златни (Серез, Кратово, Сидерокапса, Кочани); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Кочани, Ох-рид); Мехмед Ⅲ: златни (Серез); сребрени (Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Охрид), 1603–1617; Ахмед И: златни (Сидерокапса); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Охрид), 1617–1618; Мустафа И: сребрени (Охрид), 1618–1622; Осман Ⅱ: златни (Серез, Кратово, Сидерокапса); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Охрид), 1622–1640; Мурад Ⅳ: златни (Серез); сребрени (Серез, Скопје, Кратово, Сидерокапса, Солун, Охрид), 1648– 1687; Мехмед Ⅳ „Авџи”: сребрени (Скопје), 1687–1691; Сулејман Ⅱ: златни (Кратово); сребрени (Кратово), 1909–1918; МехмедⅤРешад: златни (Солун, Битола) ЛИТ.: Д. А. Ихчиевъ, Материяли за монетното дело въ Турция, Известия на историческото дружество въ София, кн. Ⅲ, София, 1911, 100–154; Н. Пере, Османлиларда Мадени Параларда, Истанбул, 1968, 71, 80, 84–85, 90–91, 100, 105–106, 111–114, 121–122, 127, 129, 136, 142, 153, 159; С. Сречковиќ, Османлијски новац кован на тлу Југославије, Београд, 1987, 54, 65–66, 68, 70–75, 78, 81, 84–85, 92, 96, 98, 101, 103, 106, 108–111, 113–114, 116–119, 121–123, 127–129, 133, 135, 140, 146–147, 149, 152, 158–159, 166, 172, 178, 184, 188–189. Ј. Јан. Масар Кодра

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *