КЛИМОВСКИ, Саво

КЛИМОВСКИ, Саво (Скопје, 13. Ⅵ 1947) – универзитетски професор, правник. Основно и средно образование завршил во родниот град. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје (1970), каде што и магистрирал (1974), а докторската теза ја одбранил на Правниот факултет во Љубљана на темата „Самоуправните интересни заедници” (1978). На Правниот факултет во Скопје работел како асистент по предметот комунален систем и комунална политика (1971), а потоа како редовен професор по уставно право и политички систем (1989). Избран за член на Извршниот со-вет на СРМ (1986-1990). Бил декан на Правниот факултет во Скопје (1992-1996) и претседател на Сенатот на Универзитететот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1996-1998). Учествувал во основањето на политичката партија Демократска алтернатива (1997), а потоа е избран за пратеник (1998-2002) и за претседател на Собранието на РМ (1998-2000). Коавтор е на средношколски и универзитетски учебници од областа на уставното уредување и политичкиот систем. ИЗВ.: Претседатели на Собранието на Република Македонија, 1944 – 2004, Скопје, 2004. БИБ.: Самоуправни интересни заедници, Скопје, 1981. Св. ш.