КЛИМЕНТ, митрополит

КЛИМЕНТ, митрополит (Никола Трајковски) (Битола, 3. Ⅷ 1912 – Битола, 2. Ⅰ 1979) – прв владика Македонец хиротонисан по возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Основно образование и гимназија завршил во Битола, а Правен факултет во Белград и Софија. Бил избран за судија во Битолскиот суд. Патриотски и длабоко религиозно воспитан, редовно ги посетувал богослужбите и ја проучувал теологијата. Во Белград, покрај Правниот, студирал и на Богословскиот факултет и ги совладал и двете науки. Студирал и историја и работел како професор по историја во средните училишта во Битола. Познавајќи ги неговите морални квалитети и знаењата од правото, теологијата и историјата, Иницијативниот одбор за формирање на Македонската православна црква му понудил да биде кандидат за прв архиереј. Прифатил, бил избран и хиротонисан во Македонската православна црква за прв епархиски Архиереј на Преспанско-битолската епархија (1958–1977). ЛИТ.: Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989; Ратомир Грозданоски, Ми-хаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 1994; истиот, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; Доне Илиевски, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972. Рат. Гр.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *