КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА

КЛИМАТА ВО МАКЕДОНИЈА. Во РМ се испреплетуваат маритимните и континенталните климатски влијанија и се судираат благата медитеранска со острата континентална клима на многу специфичен начин. Маритимните влијанија предизвикуват сушно и топло лето, а континенталните влијанија студена и влажна зима. Затоа, во Македонија се издвоени неколку карактеристични климатски региони: субмедитерански, регион со изразена транслатација на медитеранската и континенталната клима, регион со континентална клима и регион со планинска клима. Субмедитеранскиот регион ги зафаќа: Гевгелиско-валандовската и Дојранската Котлина, каде што најсилно се чувствуваат медитеранските климатски влијанија. Во него во одделни години медитеранските влијанија се потиснати, но и обратно, постојат години кога медитеранските влијанија се чувствуваат по долината на реката Вардар до Скопје, по долината на реката Брегалница до Кочани и по долината на реката Струмица во Струмичко–радовишката Котлина. Регионот на изразена транслатација на континенталната и медитеранската клима ги зафаќа Тиквешката, Велешката и Скопската Котлина, Овче Поле, Штипско и Кочанската Котлина, долината на реката Вардар, Струмичко–радовишката Котлина и по долината на реката Црни Дрим во Дебарската Котлина. На север по долината на реката Вардар климатското влијание брзо ослабува. Регионот на континенталната клима, најмногу се чувствува во Преспанската и Охридско-струшката Котлина (каде што се чувствува и влијанието од езерскиот басен), Кичевската, Бродската, Беровско-делчевската, Славишката, Полошката и Пелагониската Котлина. Регионот на планинска клима ги зафаќа високите планини на шарскиот и Корабскиот планински систем, Јабланица, Баба, Јакупица и сите други високи планини во РМ. Во нив над 2.200 м постои вистинска планинска клима или таканаречената алпска клима. За разлика од неа, во сите планини под 1.000 м н.в., кои се определени како ниски планини, владее преодна, од котлинска во планинска клима. ЛИТ.: Михаило Зиков, Клима и климатска регионализација во Република Македонија, „Географски разгледи”, бр. 30, Скопје, 1995; Ангел Лазаревски, Климата во Македонија – врнежите во СР Македонија, „Географски разгледи”, кн. 8–9, Скопје, 1971. М. З.