КИНОПРИКАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА

КИНОПРИКАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ ВО МАКЕДОНИЈА. До крајот на Втората светска војна оваа дејност се одвивала преку патувачки, постојани и наменски кина. Првите филмски проекции се одржале во 1897 г. во Битола и во Скопје. Во почетокот проекциите се одржувале најчесто по кафеани. Првото постојано кино („Вардар”), сместено во барака, проработило во Скопје (1912). Најпознатите домашни патувачки кина биле на Милан Голубовски (1907– 1909) и на Илија Џонов (1935– 1936), додека најзначајните наменски кина биле на Хигиенскиот завод од Скопје и на народните универзитети во Скопје, Битола, Велес и во Штип. На крајот од Втората светска војна работеле 17 постојани кина. По Ослободувањето, киномрежата рапидно се проширила (во 1953 г. имало 77 кина, додека во 1972 биле регистрирани вкупно 86). Животниот век на киносалите почнува да замира во осумдесеттите и во почетокот на деведесеттите години од ⅩⅩ в., кога видеото му го одзема приматот на киното. Ил. П.