КЕРАМИЈА

КЕРАМИЈА (Церамиае) – населба до Прилеп од разбиен тип распослана под северните падини на Маркови Кули на платото Заг-рад, која го опфаќа поширокото подрачје од локалитетот Ташачица на југ до локалитетите Калдрма и Попадин Дол на север. Населбата егзистирала низ целиот антички период, за што говорат бројните некрополи распослани на повеќе нејзини страни, како и мноштвото наоди на претежно римски монети, теракоти, ситна бронзена пластика, керамички садови, надгробна и архитектонска мермерна пластика, и др. По Табула Поитингериана географската положба на месноста Заград одговара на локацијата на населбата Керамија (Церамиае), каде што стои како втора станица од патниот правец СтобиХераклеја Линкестис. Населбата имала долг век што се потврдува со бројните некрополи, сместени во временските рамки од претхеленистичкиот до доцноантичкиот период. ЛИТ.: Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957, 223; И. Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, Скопје, 1966, 71. К. Кеп. Апостол Керамитчиев

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *