КЕЖОВИЦА

КЕЖОВИЦА – ШТИПСКА БАЊА. Се наоѓа југозападно од Штип, во непосредна близина на Ново Село, на десниот брег на р. Брегалница. Резервоарот на термоминералната вода се наоѓа во јурски гранити, а теренот околу изворите е изграден од терциерни седименти. Овде се јавуваат два извора на термоминерална вода – Л’џи, кој се наоѓа северно од ридот Мери и Кежовица, јужно од овој рид. Бањата користи вода од два плитки бунара со количина од 4,5 л/сец и температура од 60°Ц. По хемискиот состав спаѓа во групата на сулфурно-радиоактивни води, има Штипската бања Кежовица радиоактивност од 42 М.Е. и се смета за најрадиоактивна вода во Македонија. Се користи за лекување на ревматични заболувања, лекувања на примарна неплодност, заболувања на дишните патишта, кожни заболувања и др. Бањата располага со два базена за капење и објект за сместување со 35 легла. ЛИТ.: Васил Недков, Термално-минерални извори и бањата Кежовица, „Географски разгледи”, кн. 5, Скопје, 1967. Ал. Ст.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *