КЕДЕВ, Сашко

КЕДЕВ, Сашко (Александар) (Штип, 6. Ⅶ 1962) – кардиолог, унив. професор. Медицинскиот факултет го завршил во Скопје (1986), а постдипломските студии на Клиниката за кардиологија (1987–1989) со магистерската дисертација „Ефекти од рана интравенозна тромболиза при акутен миокарден инфаркт” (1990). Стручно се усовршувал во Националниот институт за срце во САД (1991–1993) на проекти од молекуларната кардиологија, каде што ги положил и нострификационите медициски испити и добил лиценца за работа во државата Мериленд. На Медицинскиот факултет во Скопје го положил специјалистичкиот испит по интерна медицина (1995), а потоа во Институтот за кардиологија во Бергамо во Италија (1996–1997) работел врз екстензивна практична програма во интервентната кардиологија (интракоронарно стентирање и примена на новите „имагинг” техники: интракоронарна ангиоскопија и интракоронарен ултразвук). Докторската дисертација „Примарна коронарна ангиопластика при акутен миокарден инфаркт” ја одбранил на Медицинскиот факултет во Скопје (1998). Како член на Европското друштво за кардиологија (1999) го добил звањето европски кардиолог (2001). Избран е за доцент (2001) и за вонреден професор по интерна медицина (2008) на Медицинскиот факултет во Скопје, а за визитинг професор на Универзитетот на Северна Каролина во САД (2003). Бил директор на Институтот за срцеви заболувања на Клиничкиот центар во Скопје (1999–2002) и директор на ЈЗУ Клиника за кардиологија (од 2006). Учествувал во повеќе научноистражувачки проекти. Коавтор е на книгата „Пхоспходиестерасе Инхибиторс” (Лондон, 1996) и на над 170 други друдови објавени во земјата и во странство. Како спортистпланинар, стана третиот Македонец освојувач на врвот Монт Еверест (19. Ⅴ 2009). Бл. Р.