КАРТОВ, Владимир

КАРТОВ, Владимир (с. Смоквица, Гевгелиско, 1935 – Скопје, 23. Ⅳ 1989) – универзитетски професор, правник. Основно образование завршил во родното место, а учителска школа во Скопје (1953). Во истиот град дипломирал на Вишата педагошка школа (1956), потоа и на Филозофскиот факултет, Група историја (1960), како и на Правниот факултет (1964). Магистрирал политички науки во Белград (1971), а докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1974), на тема „Културно-просветната политика на владејачките режими во Југославија спрема македонскиот народ во периодот меѓу двете светски војни“. Избран за доцент на Правниот факултет во Скопје (1975) за предметот Историја на државата и правото на народите на Југославија, а потоа за вонреден (1980) и за редовен професор (1985). Бил делегат во Соборот на здружениот труд на Собранието на СРМ (1978-1982). Објавил поголем број трудови од областа на државно-правната и политичката историја на Македонија и на Југославија. БИБ.: Борбата на КПЈ за решавање на националното прашање во Југославија 1919-1945, Скопје, 1979; Георги Димитров и борбата на македонскиот народ за остварување на правото на самоопределување, Скопје, 1979. ЛИТ.: Зборник во чест на Никола Сотировски и Владимир Картов, Правен факултет, Скопје, 2001. Св. ш. Димитра Карчицка