КАРАНОВ, Ефрем Цветков

КАРАНОВ, Ефрем Цветков (Кратово, 28. Ⅰ 1852 – ќустендил> 6. Ⅻ 1927) – просветен деец, книжевник, историчар, фолклорист, етнограф, преведувач, учител и револуционерен активист. Завршува прогимназија во Цариград (1867) и класична гимназија во Одеса (1872), а словенска филологија на Новорусискиот универзитет (Одеса, 1874). Работи како учител во Штип (1875–1877), но Турците го набркале од страв да не би да е московски агент. Од 1881 до 1886 г. е учител во ќустендилското Средно педагошко училиште. Во тоа време развива активна општествена и научна дејност. Се дружи со Трајко Китанчев, а блиски врски одржува со Гоце Делчев, Јане Сандански и особено со својот ученик Димо Хаџи Димов. Бил член на БДК (Бугарско книжовно друштво, подоцна Бугарска академија на науките), од 1875 дописен, а од 1884 редовен член. По заминувањето за Бугарија (1878) учителствува во повеќе места (ќустендил, Самоков, Софија). Го основа и го раководи Македонското братство во ќустендил (1895), учествува и во подготовката на чети на ВМОК, а близок е со револуционерот Г. Делчев. Се занимава со собирање фолклорен материјал, стари ракописи и книги, стари монети и др. Како соработник во „Периодическо списание” и „Сборник за народни умотворения, наука и книжнина” публикува дел од собраниот фолклорно-етнографски материјал, а планираниот подготвен зборник на песни и прозни народни умотворби од Кратово и Кратовско, по подолги напори за печатење, не е публикуван. Автор е на повеќе студии, како и на кратката монографија за Румена војвода (Софија, 1886) и „Спомени”. Големо внимание во тогашните книжевни и научни кругови предизвикуваат неговите преводи (на кратовски говор) на рускиот еп „Слово за полкот Игорев” (ќустендил, 1900) и на Мицкиевичевиот „Пан Тадеуш” (Софија, 1901). ИЗВ.: СбНУ, София (Ⅱ, 1890, 60–64; ⅩⅤ, 74–75, 82); „Периодическо списание на Българското книжовно дружество”, И, 11 и 12, Браила, 1876, 124–129, 169–178; Педиодическо списание на Българското книжовно дружество в Средец (кн. 5, 1883, 116–123; кн. 9, 129–134; кн. 16, 153–160). БИБ.: Избрани съчинения, ред. Жеко Попов, София, 1991; Богдан јунак (1886) и Румена војвода (1886); Кратовски зборник. Редакција Блаже Петровски, Скопје, 2000. ЛИТ.: Д-р Томе Саздов, Студии за македонската народна книжевност, Скопје, 1980. Б. Р.-Ј. и В. М.-Ч.