КАРАМАНДИ, Елпида

КАРАМАНДИ, Елпида (Пида) Ставрева (псевд. Бисера и Нада) (Лерин, 1. Ⅰ 1920 – Битолско, 3. Ⅴ 1942) – студент и револуционер, првоборец и народен херој. Од раното детство живеела во Битола, Елпида Караманди кадешто завршила гимназија. Како студент била учесник во македонското студентско движење на Белградскиот универзитет (1938). Како член на СКОЈ (1939) и на КПЈ (јуни 1941) била организатор на женската младина во комунистичкото движење и во НОБ. Извесен период била ангажирана во партиската техника на МК на КПЈ во Битола. По апсењето од бугарската полиција, поради немање докази, била ослободена. За да го избегне натамошното полициско проследување, преминала во илегалство. Наскоро била избрана за член на ПК на СКОЈ за Македонија (јануари 1942) и заминала како борец на Битолскиот народноослободителен партизански одред „Пелистер” (април 1942). Во борбата на одредот кај Лавчанската Корија (кај с. Лавци, Битолско, 3. Ⅴ 1942) против бугарската војска и полиција била тешко ранета и заробена, по што ја влечеле врзана за запрежна кола по битолските села за да го заплашат населението. Во такви околности и починала. Уште во истата година била објавена првата народна песна во знак на признателност кон нејзиниот лик и дело, зашто „Нада студентката за народ загина, за народ загина – за Македонија.” (Старите револуционерни песни со ново содржание, „Билтен” на Битолската организација на КПЈ, бр. 21, Битола, 7. Ⅻ 1942). Опеана е и во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола” (1950) и во други народни и авторски песни. Прогласена е за народен херој (11. Ⅹ 1951). ИЗВ.: Зборник на документи за учеството на жените од Македонија во Народноослободителната војна и Револуцијата 1941-1945, Скопје, 1976, Ⅲ, IX, ⅩⅤ, 81,95, 111, 120, 257, 524, 792, 965, 1044 и 1100. ЛИТ.: Драга Чаловска, Елпида Караманди, „Просветена жена”, Ⅹ, 3, Скопје, 1954, 2 и 5; Д(есанка) Миљовска, Елпида Караманди, „Просветена жена”, ⅩⅤ, 6, Скопје, јуни 1959, 4; Нада Панова, Приказна за еден крвав мај, „Просветена жена”, Скопје, мај 1961, 8; Оливера Николова, Елпида Караманди, Скопје, 1965; Љубен Георги-евски-Љупта, Студенти револуционери, И, Скопје, 1972, 113-125; Караманди Ставре Елпида-Пида (1920-1942), „Млад борец”, ЏЏЏИИ, 16, Скопје, 14. Ⅴ 1975, 17; Д(есанка) Миљовска, Елпида Караманди, Битолските народноослободителни партизански одреди, Битола, 1982, 78-81; Елпида Караманди, „Македонски иселенички алманах 1984”, Скопје, 1984, 15; Злате Ѓоршевски, Елпида Караманди – Бисера, Битола, 1988. С. Мл.