КАНТАРЏИЕВ, Ристо Борисов

КАНТАРЏИЕВ, Ристо Борисов (Струмица, 13. Ⅴ 1917 – Скопје, 27. Ⅴ 2001) – педагог, универзитетски професор. Завршил учителска школа (1938), студии по педагогија на Филозофскиот факултет во Белград (1949), докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје (1960). Бил учител во повеќе места во Гевгелиско. Од 1950 до пензионирањето (1983) работел на Филозофскиот факултет во Скопје (ред. проф. од 1972). Предавал општа и национална историја на педагогијата. Бил декан на Филозофскиот факултет (1973– 1975), шеф на Катедрата за педагогија (1967–1979), главен и одговорен уредник на сп. „Просветно дело” (1951–1977). Неговата научно-истражувачка дејност се однесува главно на школството во Македонија во ⅩⅠⅩ в., во времето на Преродбата. БИБ.: Македонското преродбенско училиште, 1965, второ, доп. изд. 1985; Историја на образованието и просветата во Македонија, 2002 и др. ЛИТ.: Филозофски факултет: 1946–1996, Скопје, 1996, 49; Историја на образованието и просветата во Македонија, Скопје, 2002 (Белешка за авторот). К. Камб.