КАНЕВЧЕ, Глигор

КАНЕВЧЕ, Глигор (Охрид, 1. Ⅰ 1946) – редовен професор на Техничкиот факултет во Битола по предметите термодинамика, одржлив енергетски развој и индустриски сушари. Дипломирал на Машинскиот факултет во Бел-град (1969), а докторирал на Универзитетот во Нови Сад (1982). Се вработува во фабриката „Индустрија за прецизна механика” во Белград. Од 1970 до 1983 г. е вработен во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич – Винча”. Од 1975 до 1980 г. е асистент на Машинскиот факултет во Бел-град. Од 1983 г. е вработен на Техничкиот факултет во Битола. Од 1993 до 2002 г. е шеф на Катедрата по термотехника и хидротехника и од 1991 г. е раководител на Термотехничката лабораторија. Од 1995 до 1997 г. е декан на Техничкиот факултет во Битола. Под негово раководство се реализираат и првите постдипломски студии (Процесно инженерство, 1990–1992) на Техничкиот факултет во Битола и, како ментор, прв ја започнува активноста за изработка на докторски дисертации на овој факултет. Иницира, раководи и учествува во реализацијата на поголем број научноистражувачки и апликативни проекти и остварува богата меѓународна соработка. Од 2000 до 2003 г. е претседател на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски” во Битола. Од 2000 г. е член на МАНУ. Има објавено повеќе од 150 научни и стручни трудови во земјата и во странство од подрачјето на термотехниката, термоенергетиката, процесната и мерната техника и екологијата. Неговата научна и апликативна дејност е мултидисциплинарна. Член е на меѓународни и домашни научни совети, комитети и друштва, редакции и организациски одбори на списанија и симпозиуми и рецензент на трудови за меѓународни списанија и симпозиуми. Бл. П.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *