КАЗАНЏИЕВ, Никола (Радовиш, 23. Ⅲ 1879 – Софија, 19. Ⅲ 1971) – револуционер, публицист и национален политички деец. Стапил во редовите на Македонската револуционерна организација (1899) и активно учествувал во Илинденското востание. Потоа заминал во Јужна Америка, во Аргентина (1905) и таму работел како физички работник. Го основал Македонско-одринското братство (1907) и бил негов претседател (1907–1908). Од иселениците од Македонија и од Бугарија формирал Македонско-бугарска комунистичка група (1924). Бил сопственик на весникот „Народна трибуна” во Буенос Аирес (од 1936), кој излегувал до 1939 г. Бил активен во основањето и во дејноста на Македонскиот комитет за помош на антифашистичките движења (1941). Се вратил во НР Македонија (1946). Починал во Бугарија. ЛИТ.: Деса Спасовска, Учеството на Никола Казанџиев во Илинденското востание и во аргентинското комунистичко движење, Прилози за Илинден Ⅲ, Скопје, 1983; Михајло Миноски, Организирање и организации на македонското иселеништво во Аргентина (1906–1941), Втор меѓународен научен собир „Иселеништвото од Македонија од појавата до денес”, етничко организирање на иселениците, Скопје, 2004. М. Мин.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.