КАВАЕВА, Депа

КАВАЕВА, Депа (Деспина) – собирачка и пејачка на народни песни од времето и од градот на Миладиновци, Струга. Соработувала во подготовките на Зборникот на Браќата Миладиновци. За нејзиниот живот и дело пишувал Петар Чакар (Која била Депа Каваева?, во „Нова Македонија”, 23-27. Ⅹ 1962). Таму се изнесуваат податоци дека Депа Каваева е внука од помала сестра на Миладиновци, дека околу сто и педесет песни во Зборникот на Миладиновци се собрани од неа, дека му била тајна свршеница на Григор Прличев и дека можеби таа има коавторство во незаборавната песна будница на Прличев „Во илјада седумстотин шездесет и второ лето”. Слично на Дафина, била одбрана од природата да памети и да импровизира. Била бистроумна и со голема смисла за опсервација, мошне чувствителна и мечтателска природа. На вујковците им помага во токмењето на епохалниот зборник, па Константин Миладинов во Предговорот кон првото издание на Зборникот од народни песни (Загреб, 1861) соопштува дека „најповеќе песни се слушани во Струга, од Депа Каваева”. Од нејзината биографија се знае дека се закалуѓерила мошне млада, а како причина се наведува нејзината нереализирана љубов со авторот на „Сердарот”. Во монашкиот ред го зела името Касијана. Г. Т.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *