ИЉОСКИ, Васил

ИЉОСКИ, Васил (Крушево, 20. Ⅻ 1902 – Скопје, 1. XI 1995) – драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар, академик. Тој е еден од втемелувачите на македонската драмска литература, автор на првото драмско дело на македонски јазик прикажано на сцената на Кралскиот скопски театар меѓу двете светски војни. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Долги години работел како професор на Вишата педагошка школа (сегашен Педагошки факултет) во Скопје. Бил член на ДПМ од самото негово формирање (1947), а станува и член на МАНУ непосредно по нејзиното формирање. Драмски текстови почнува да пишува уште во гимназиските денови, а веќе оформени едночинки, кои доживуваат и сценска изведба, создава како студент. Пишувањето на македонски, на крушевскиот и на кумановскиот дијалект, го прави со цел да укаже на јазичната посебност, но и на колоритноста на македонскиот јазик. Оваа тенденција особено доаѓа до израз во ти-пично битово-социјалната драма во 5 чина „Бежанка” (подоцна преименувана „Бегалка”), премиерно прикажана на 16. Ⅵ 1928 г. Покрај одличниот прием кај публиката, таа е симната од репертоарот и повторно прикажана дури во сезоната 1936/37 (кога на сцената на Кралскиот скопски теа-тар е поставена и драмата „Печалбари” од Антон Панов). Во тој период ја пишува (на српски јазик) комедијата во 3 чина „Нагазио човек” (позната како „Чорбаџи Теодос”), која е премиерно изведена на 23. Ⅳ 1937 г. во превод на скопски дијалект. Иљоски е автор на низа студии и статии за јазикот, како и автор на литературно-историски текстови (за Кирил и Методиј, Г. Прличев, К. П. Мисирков, К. Рацин) и на есеи за театарот. ДЕЛ: драми: Бегалка (1928), Чорбаџи Теодос (1937), Ученичка авантура (1939) Биро за безработни (1940), Пиши, Панче (1947), Два спрема еден (1952), Чест (1953), Кузман Капидан (1954), Млади синови (1955), Допирни точки (1959), Окрвавен камен (1968), Свадба (1976), Смрт за живот (1988). Интегрално неговото творештво е претставено во тритомниот Избор (1978).ЛИТ.: Александар Алексиев, Основоположници на македонската драмска литература (1976); Нада Момировска, Васил Иљоски, Творечка особеност и литературно-драматуршка еволуција, (1977); Миодраг Друговац, Историја на македонската книжевност ⅩⅩ век (1990); Јелена Лужина, Историја на македонската драма (македонска битова драма) (1995). В. М. – Ч.