ИСМАИЛ, Ѓунер

ИСМАИЛ, Ѓунер (Битола, 27. IX 1951) – издавач, публицист, општественик, политичар. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Со пишување почнал во студентските денови, со театарски рецензии за МОТ и фестивалот „Војдан Чернодрински” во Прилеп. Првите публицистички трудови ги објавил во весникот „Комунист”, а кон крајот на осумдесеттите години соработувал и во „Млад борец”. Во наредната деценија е колумнист во „Дневник”. Заедно со Сашо Ордановски основач и сопственик на магазинот „Форум”, подоцна „Форум плус”, каде што од првиот број (30 декември 1997) е колумнист. Пишува и за списанија од областа на политиката и општествените науки. Бил министер за култура и портпарол на Владата на РМ. Б. П. Ѓ.