ИНСТИТУТ ЗА ХЕМИЈА ПРИ ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ

ИНСТИТУТ ЗА ХЕМИЈА ПРИ ПРИРОДНО-МАТЕМАТИЧКИОТ ФАКУЛТЕТ – центар на наставната и научната работа од областа на хемијата кај нас. Високошколската настава по хемија е започната во 1946 г. на Катедрата по хемија на Филозофскиот факултет. На почетокот имало само еден асистент (Димче Тошев). Во учебната 1947/48 г. тој е избран за предавач по неорганска хемија, а д-р Јосиф Јанчулев за предавач по органска хемија. Во следната (1948/49) г. за предавач по аналитичка хемија е избран д-р Крсто Ставриќ, во 1951 г. за наставник по физичка хемија дошол проф. д-р Гилберт Флумијани, а постепено биле избрани и асистенти. Во 1953 г. во „Годишниот зборник” се печатени и првите научни трудови на членовите на Катедрата за хемија. До завршувањето на зградата на Гази Баба (1951) предавањата биле одржувани во различни простории низ Скопје. Во текот на 1952 и 1953 г. во зградата на Гази Баба се подготвени лабораториите за вежби по хемија и се комплетирани со потребните инсталации. Во 1960 г., во рамките на ПМФ (конституиран во 1958), се започнати подготовките за изградба на новата зграда на Хемискиот институт, предадена во употреба во октомври 1968 г. При издвојувањето на Природно-математичкиот оддел од составот на Филозофскиот факултет и оформувањето на ПМФ, Катедрата по хемија прераснува во Хемиски институт со три заводи: за неорганска и аналитичка, за органска и за физичка хемија. Прв шеф на Хемискиот институт е Гилберт Флумијани, а функцијата шеф најдолго ја вршел Димче Тошев. Отпрвин наставата за сите студенти би-ла еднаква, а подоцна е поделена на две насоки – Применета и Наставна. Во 1959 г. на ПМФ е одбранета првата докторска дисертација (Димче Тошев), а во 1960 г. и втората (Иван Петров). Во учебната 1973/74 г. се организираат и постдипломски студии по неорганска и аналитичка хемија, по органска хемија и по молекулска спектроскопија. Во 1976 г., при процесот на реформа на Универзитетот, од кадри на Хемискиот институт и од ТМФ, се формира Хемискиот факултет (со четири институти во својот состав). На Хемискиот факултет декани биле Димче Тошев (1976-1979 и 1983-1985) и Иван Петров (1979-1983). На Факултетот имало околу 65 наставници и соработници – кои изведувале, целосно или делумно, настава по основните хемиски дисциплини и за други факултети. Била развиена забележана меѓународна соработка, набавувана е лабораториска опрема, научната продукција станала позначителна, а издадени се и повеќе учебни помагала. Се издава „Годишен зборник на Хемискиот факултет”, а тука е и редакцијата на новото списание „Гласник на хемичарите и технолозите на Македонија”. Во процесот на „рационализацијата” на Универзитетот доаѓа до повторно формирање на ПМФ, во чии рамки се конституира Институтот за хемија како работна единица со 4 заводи.ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје, 1946–1996, Скопје, 1996, 195; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, 211. Б. ш.