ИНСТИТУТ ЗА ФИЗИКА

ИНСТИТУТ ЗА ФИЗИКА – еден од институтите на ПМФ, се состои од 4 заводи: Теориска физика, Физика на кондензирана материја, Оптика и спектроскопија и Методика на наставата по физика. Потекнува од Катедрата за физика на Филозофскиот факултет (1946) што прераснува во Институт (1955). Од 1958 г. е во состав на ПМФ. Од 1977 до 1985 г. постои како Факултет за физика, со проширен состав, во кој е опфатена сета активност по физика на УКИМ. Универзитетска настава по физика се изведува од 1946, од 1966 во две насоки, за наставна и за применета физика, а од 2005 г. вклучува уште неколку програмски насоки (Материјали и уреди, Медицинска физика, Теориска физика, Геофизика, Метеорологија, Астрономија и физика и Информатички науки). Од 1992/93 г. постојат и студии за професори по математика и физика за основните училишта. Постдипломските студии за физика на тврдо тело и за физичка оптика се започнати во 1969 г., а подоцна се проширени со насоки за сончева енергија, теориска физика и методика на наставата по физика. Научната работа е од областа на физичката оптика, физиката на тврдите тела, теориската физика и др. Институтот има лаборатории за: електрична карактеризација на материјалите, добивање тенки филмови, ултразвук, електрооптика на дисперзни системи, холографија, компјутерска лабораторија, а исто така и лаборатории за едукација, како и библиотека. Во изминатите години се објавени приближно 850 научни статии, повеќе од 20 универзитетски учебници, неколку монографии др., организирани се 12 конференции и е работено на околу 60 проекти. ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје 1946–1996, Скопје, 1996, стр. 139-150; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, стр. 141-160. В. Ур.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *