ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР за организирање на Македонска православна црква во НОБ

ИНИЦИЈАТИВЕН ОДБОР за организирање на Македонска православна црква во НОБ (1943 – 1945) – тело на македонското православно свештенство во НОБ (1943) за решавање на македонското црковно прашање. Започнало самоиницијативно да организира македонска православна црква – со богослужба на македонски јазик, со македонска традиција и архијереи Македонци. Првата иницијативна група за црковно-административно организирање ја сочинувале свештениците Кирил Стојанов, Никола Апостолски и Методи Гогов (подоцнешен архиепископ Ми-хаил). Во октомври 1944 г. во с. Врановци бил формиран Иницијативен одбор составен од свештениците Методи Гогов, Вељо Манчевски, Панде Поповски, поп шаќо и Спиро Дамевски. Одборот основал архијерејски намесништва и духовни одбори од три члена во сите околии во Македонија (првите во Прилеп и Битола). Под претседателство на протојереј-ставрофор Нестор Поповски Иницијативниот одбор го организирал црковно-духовниот живот во Македонија за да ги решава проблемите на свештенството и верниците од верски, духовен, црковно-судски, просветен и социјален карактер. Го подготвил и го свикал Првиот црковно-народен собор во Скопје (5. Ⅲ 1945) за организирање на Македонската православна црква. Водел разговори со српските патријарси Гаврило Дожиќ, Викентие Проданов и Герман и поднесол неколку резолуции од името на свештенството и православниот народ во Македонија за создавање самостојна Македонска православна црква. Го организирал Вториот црковнонароден собор (1958), на кој беше возобновена Охридската архиепископија и прогласена Македонската православна црква со свој поглавар – архиепископот Доситеј. ЛИТ.: Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје, 1989; Ратомир Грозданоски, Михаил Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 1994; Ратомир Грозданоски, Стефан Архиепископ Охридски и Македонски, Скопје, 2000; Доне Илиевски, Македонското православно свештенство во борба за национална и црковна слобода, Скопје, 1987; истиот, Автокефалноста на Македонската православна црква, Скопје, 1972. Рат. Гр. Записник од заедничката седница на Иницијативниот одбор и Главниот штаб на Македонија за свикување на АСНОМ (6. Ⅴ 1944)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *