ИМЕРИ, Имер

ИМЕРИ, Имер (с. Чегране, Гостиварско, 29. Ⅷ 1942 – Скопје, 29. Ⅵ 2008) – лекар, специјалист по општа медицина и политичар. Ја завршил Учителската школа, а потоа дипломирал на Педагошката академија (Група за хемија и биологија) во Скопје, по што работел како наставник во с. Трново, Гостиварско. За истакнување на албанското знаме во Гостивар (1968) издржал петгодишна затворска казна. По излегувањето од затвор, извесно време работел како физички работник. Подоцна дипломирал и на Медицинскиот факултет во Приштина (1975–1981), по што работел како лекар во Приштина (1981–1989). Бил еден од иницијаторите за формирањето на Демократската лига на Косово. Откако останал без работа, се вратил во Македонија. Бил заменик-министер за здравство во Владата на РМ (1993). Како претседател на Партијата за демократски просперитет (од 2000) бил потписник на Декларацијата на албанските политички лидери (со А. Џафери и А. Ахмети) за нивните програмски барања за промена на политичкиот систем во Македонија (Призрен, 22. Ⅴ 2001). На средбата со претседателот Борис Трајковски, заедно со А. Џафери, поднел предлог за федерализација на Македонија по примерот на Босна (17. Ⅵ 2001) и бил потписник на Охридскиот рамковен договор (13. Ⅶ 2001). Непосредно потоа, од здравствени причини, се повлекол од политичкиот живот и работел како лекар во амбулантата во родното село. ЛИТ.: Почина Имер Имери, „Дневник”, ⅩⅠⅠⅠ, 3706, Скопје, 30. 2008, Ⅵ 3; Имер Имери 1942–2008, политичар, „Утрински весник”, IX, 2724, Скопје, 30. Ⅵ 2008, 5. С. Мл.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *