ИЛИЌ, Воислав И

ИЛИЌ, Воислав И. (с. Баништа, Дебарско, 1. Ⅴ 1916 – Белград, 21. Ⅳ 1988) – македонски славист и поет, литературен историчар и критичар, универзитетски професор по македонски јазик и литература. Основното и средното образование ги завршува во Битола (1922–1935), а по дипломирањето на Филозофскиот факултет во Белград (1935–1939) работи како коректор во в. „Правда” и потоа како гимназијален професор во Врбас и во Белград (1941–1944). Се пријавува доброволец во Македонската бригада „Ј. Сандански”, но наскоро е испратен во Скопје како делегат на Ⅱ конгрес на Антифашистичката младина на Македонија (1944–1945) и е поставен за референт на Комисијата за македонски јазик при Поверенството за просвета на АСНОМ (1945). Работи врз терминологијата на македонскиот литературен јазик и е член на Втората јазична комисија. Назначен е за уредник на Културната рубрика на в. „Нова Македонија” (1945). Се враќа во Белград и работи како гимназијален професор (1945– 1957). Конкурира за наставно мес-то на Филозофскиот факултет, нудејќи подготвена докторска дисертација за битолскиот говор (1947), но по шестгодишно чекање пријавува нова тема за поетскиот јазик на Бранко Радичевиќ (1956), која по две години ја одбранува и станува професор по македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Нови Сад, а хонорарно во Белград и во Приштина. Како поет на српски јазик (Воислав Илиќ-Најмлаѓи) се пројавува со стихозбирките „Распињања и умирења” и „Аспекти”, а по Војната и „Огњени сигнали” и „Небо може да чека”. Рано се пројавува и со стихови на македонски, но се објавени само песните „Туѓина, туга голема” (1937) и „Тутунари” (1939), а подоцна и стихозбирката „Време и река” (1975). Автор е на неколку публикации од областа на историјата на македонската литература и на посебна монографија за В. Чернодрински. БИБ.: Распињања и умирења, Битољ, 1935; Аспекти, Битољ,1936; Песнички језик Бранка РадичевиÊа, Београд, 1964; Токови македонске књижевности. Студије, есеји, портрети, Приштина, 1976; Небо може да чека, Београд, 1984; Бранко РадичевиÊ у свом и нашем времену, Београд, 1986; Револуционер на Димитар Хаџидинев, Гевгелија, 1988; Лице и маски (Книга за Чернодрински), Скопје, 1988; Раце над езерото, Скопје, 1990; Живи птици. Битола – Белград 1935–1940, Охрид, 1996; Стари песни, Охрид, 1996; Лирски букет, Охрид, 1997. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Воислав И. Илиќ во историјата на македонската поезија од триесеттите години, „Современост”, ЏЏВ, 9–10, 1975, 71–96; истиот, Македонскиот стих 1900–1944. Истражувања и материјали, И, Скопје, 1980, 212–226; Јованка Стојановска-Друговац, Блесок и траење. Книжевното и научното дело на Воислав И. Илиќ, Скопје, 1997; Д-р Стојан Ристески, Прилози за историјата на македонскиот јазик, Охрид, 2000, 102–126 и 216–247. Бл. Р.