ИЛИЕВСКИ, Методија

ИЛИЕВСКИ, Методија (псевд. Креола) (Битола, 20. Ⅳ 1914 – Скопје, мај, 1984) – оперски певец, бас. Пеење учел приватно кај Ст. Липша. Во Операта на МНТ е од 1948 до 1972 г.. Во почетокот како член на Хорот, а подоцна како солист, бил носител на басовскиот репертоар во првите две децении од дејноста на Операта. Остварил повеќе од 45 помали и поголеми улоги, меѓу кои позначајни се: Дон Базилио (Севилскиот бербер), Дулкамара (Љубовен напиток), Филип (Дон Карлос), Спарафучиле (Риголето), Цар Самуил во истоимената опера од К. Македонски. Поседувал мек и пријатен глас со басовско-баритонски тембр. Ф. М.