ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ

ИЗБИРАЧКОТО ПРАВО ВО ДФМ/НРМ/СРМ/РМ -. право на граѓанинот да избира и да биде избиран на одредена функција. Како политичка цел првпат е предвидено во Програмата на Македонско-одринската револуционерна организација (1908). Како правна норма првпат е вградено во Законот за Уставотворното собрание на НРМ (1945). Во наведениот акт е предвидено дека Уставотворното собрание на НРМ го избираат сите граѓани со постојано живеалиште на подрачјето на НРМ. Според Уставот на НРМ од 1946 г., сите граѓани на НРМ што наполниле 18 години возраст имале право да избираат и да бидат избирани во сите органи на државната власт. Избирачко право не уживале лицата под старателство, лицата што со судска пресуда биле лишени од избирачкото право и лицата што, врз основа на Сојузниот закон, го загубиле тоа право. Во периодот од 1950 до 1991 г. активното избирачко право се остварувало повеќе како класно, а помалку како граѓанско право. Со Уставот од 1991 г., активното избирачко право се остварува во целост како граѓанско право. Според овој акт, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Такво право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност. Избирачкото право е уредено подетално со Изборниот законик од 2006 г. и се утврдува во Избирачкиот список. Во Избирачкиот список за 1990 г. беа запишани 1.339.021; за 1994 г. – 1.360.729; за 1998 г. – 1.572.976; за 2002 г. – 1.664.296; и за 2006 г. – 1.695.103 избирачи. ЛИТ.: Светомир Скариц, Демоцратиц Елецтионс ин Мацедониа, 1990–2002, Берлин, 2005. Св. ш.